Мицкоски прифаќа средба на работни групи за датумот на изборите

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа тимови на партиите да седнат на иста маса за да го договараат датумот за избори. Ова денеска го соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски, по вчерашната понуда од страна на премиерот Димитар Ковачевски ова прашање да се разговара на ниво на работни групи, а не на лидерска средба како што бараше опозицијата.

-Ние немаме намера да влегуваме во партиска преписка со тоа дали треба лидерска средба или нема да има лидерска средба. Нема да влегуваме во менталниот склоп на фрустрирани луѓе, доколку ценат дека на тој начин ќе излеземе од потенцијалната политичка и уставна криза, нема проблем прифаќаме се и во Собрание нека биде, еве работни групи нека седнат нека разговараат, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, при денешната теренска активност на терен со граѓаните во Општина Штип во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!

Мицкоски побара од Ковачевски да именува луѓе кои ќе бидат подготвени да разговараат за датумите за одржување на претседателски и парламентарни избори, бидејќи како што рече Ковачевски се однесува кукавички затоа што постојано бега од избори, лидерска средба и дуели.

-Ако се плаши Ковачевски, барем од ова досега што го гледаме е докажан кукавица, бега од избори, бега од дуели, бега од новинарски прашања, континуирано бега од нешто. Ако тој се плаши нека именува луѓе кои се подготвени да седнат со луѓето од ВМРО-ДПМНЕ и да разговараат, бидејќи за неколку месеци од денеска имаме два клучни процеси за иднината на Македонија, а тоа се претседателски и парламентарни избори, посочи Мицкоски.

Одговарајќи на прашање, Мицкоски воедно ги повтори обвинувањата на адреса на Ковачевски – дека бил кукавица, бегал од предвремени избори и бил помал партнер во коалицијата со ДУИ. Од друга страна пак, Ковачевски праша дали токму опозицијата барала средби со функционерите на ДУИ.

-Дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на негово високо раководство и колку пати во последните шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и на тие состаноци, доколку ги имале, за што разговарале?, рече Ковачевски.

На ова Мицкоски одговори дека немало средба.

-Бидејќи тој поставува прашање, претпоставувам го знае одговорот. Инаку, мојот одговор е ниту една, ниту една. Ниту сум барал, ниту имам намера да барам средба со лицето коешто го споменува Ковачевски, но јавно барам лидерска средба, рече Мицкоски.

Претходна вестЦрвенковски: Земјите од Западен Балкан да побараат од ЕУ постепена интеграција и пред полноправното членство
Следна вестПалестинците бегаат кон јужниот дел на Газа, десетици загинати во напад на конвој