Владата на СДСМ и ДУИ државава ја доведе во состојба да зборува за тоа дали македонските граѓани ќе имаат леб за да се прехранат, наместо да се зборува за инвестиции во напредни технологии, укажа денеска Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидер на најголемата опозициска партија во Свети Николт рече дека економската мерка за замзрнување на цената на лебот е ад-хок решение кое што практично е од денеска за утре.
-Тоа не е решение на долг рок кое што може да обезбеди цена која што е прифатлива за граѓаните. Инаку, сите ние треба да се обединиме и да помогнеме, граѓаните овие основни производи да ги добијат по најниска можна цена, истакна Мицкоски на прашањето дали владината одлука за замрзнување на цени на производи е економски потег.
Тој додаде дека нема мерки од страна на Владата за намалување на инфлацијата која руши рекорди.
-Владата треба да ги поддржи сите оние кои што го произведуваат овој основен производ за да можат граѓаните да платат најниска цена. Ние денеска, за жал, рушиме рекорди по инфлација, двојно поголема од онаа што ја има во Европската унија, немаме никаква економска политика, прават гол ПИ-АР сликајќи се по маркети со две векни леб во раката премиерот и останатите министри наместо да го решаваат проблемот. Едно дно, сеопшто дно, едно општествено дно во која што ја втурнаа Македонија. И денеска ние во 21 век, наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за тоа како ќе инвестираме во напредни технологии, ние зборуваме дали ќе имаме леб. Ете, до таму не дотера оваа Влада на СДСМ и ДУИ, истакна Мицкоски.