Власта се исплаши од успешен референдум. Анкетите покажуваа дека референдумот ќе беше успешен. Тие се исплашија дека опозицијата ќе консолидира 910 илјади гласови и со тоа тие целосно ќе беа делегитимирани, изјави синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување на ТВ 21.
Тој смета дека опозицијата може единствено на овој начин да се спротистави на политиките на власта. Како што рече, единствен начин е да користат правни алати, а правната алатка е референдумот.
-Собравме доволен број потписи, формиравме граѓанска иницијатива, создадовме прашање кое е во согласност на ингеренциите на Парламентот. Очекувавме од Парламентот демократски капацитет и малку да бидат возрасни, сериозно да се однесуваат, а не да се однесуваат како налутенно дете на кое му ja земале топката. Они така се однесуваа насилнички, одлучи Талат Џафери да се стави над сите закони, го зароби правниот поредок и направи преседан, изјави Мицкоски.
Во однос на вчерашниот настап на скопската градоначалничка Данела Арсовска тој рече дека таа разочарала и дека не остварува резултати. Мицкоски не сакаше да ја коментира реториката што ја упати Аровска кон него дека е „шпицен градоначалник“.
–Претврдо е да се каже дека е објавена војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниката на Град Скопје, Данела Арсовска. На масата кај Арсовска е програмата „За модерно Скопје“ што беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Се од таа програма што ќе се постави пред Советот, ќе поддржиме. Ние и посакавме успешна работа и да почне да ги спроведува проектите, и за тие проекти ќе има безрезервна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Јас можам сега таксативно да ви ги набројам сите проекти кои што таму некаде до кај месец мај/јуни, додека имавме некаква комуникција со госпоѓата Арсовска, беа во прогрес некако или требаше да почнат. Можам сите да ви ги набројам и да видиме од тоа што е реализирано, што не е да го анализираме сега. Засега не можеме да видиме дека тоа се прави, нагласи тој.
За тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ решило да ја поддржи Арсовска за прв човек на главниот град, Мицкоски кажа дека во тоа време верувал дека вонпартиски човек може да биде плус додадена вредност.
-Ако тоа е грев што сум верувал во тој концепт дека независен кандидат, што доаѓа од бизнисот што има релативно успешна аура во јавноста, сме застанале сме го поддржале и победил тој кандидат. Тоа што претходно сме го договориле, не се исполнува, тоа е друга тема. Но ако мислите дека тоа е мојата лична одговорност и дека сега треба јас тоа да го прифатам, еве прифаќам, вели Мицкоски.