Не гледаме причина за интерпелација на спикерот Африм Гаши и нема да ја поддржиме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој за време на престојот во Неготино тој одговори на новинарско прашање околу позицијата на ВМРО-ДПМНЕ по однос на барањето за интерпелација на собранискиот претседател кое го поднесе Левица, а кое го поддржаа и од СДСМ.
-Го знаете ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не гледаме причина за интерпелација на спикерот Африм Гаши, бидејќи начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците, навистина претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник. Претпоставувам коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица има свои мотиви зошто поднесуваат ваков тип на интерпелација, веројатно Артан Груби, Али Ахмети, Талат Џафери, Бујар Османи, им се подобри политичари од Гаши и затоа нема да поддржиме интерпелацијата, одговори премиерот Мицкоски на настанот во Неготино по повод камен-темелник на нов пазар.
Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември. Во барањето за интерпелација поднесено од Левица се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички.