Фајде од плачењето и глумата на Мицкоски по телевизии и портали нема ни јавноста, а уште помалку членството на ВМРО ДПМНЕ. Наместо да го искористи времето што Заев му го препушти додека е на одмор за да ги убеди партиите на албанците во својата агенда, Мицкоски несериозно целото свое внимание и вниманието на медиумите блиски до него го насочува во објавување на лаги за мене, меѓу многуте и една голема, дека некој судија заборавил да закаже рочиште – напиша на Фејсбук Сашо Мијалков.
-Не заборавил никој, туку поротник замина во пензија и според законот за к.п. постапката се враќа од почеток, процес на кој не може ниту јас ниту било кој политичар да влијае. Три години не сум во раководните структури на партијата. Не учествував во изготвување на програмата, а уште помалку во изборот на кадровските решенија. Мицкоски може да лаже колку сака, но вината за поразот е каj него. За Заев одработува тој што ја водеше партијата во порази. За Заев одработувa тој што го троши времето и медиумскиот простор за пресметка со сопартијци наместо да составува влада. Пред изборите слушнавме десетици обвинувања за криминал со хидроцентралите, за сомнителни исплати од ЕЛЕМ, за незаконско финансирање на кампањата, за сомнителни договори за локалните избори во Охрид, па дури и за непотизам при вработувањето на факултет. Сепак нема кривична постапка за ниту еден предмет, а уште помалку притвор за Мицкоски. Малку е чудно што Мицкоски обвинуваше дека Заев го контролирал судството и обвинителството, а сега за него нема ни притвор, ни пријава. Затоа легитимно се поставува прашањето дали цената на амнестијата на Мицкоски е губење на изборите и уште колку избори Мицкоски треба да загуби ? ВМРО ДПМНЕ не заслужува лидер кој лаже и бега од одговорност. Ако Мицкоски му дозволи на Заев да ја направи новата влада и не успее да испреговара поинакво мнозинство, дефинитивно треба да си замине и да ја ослободи партијата. После овој неуспех Мицкоски самиот ќе се претвори во најголем товар на ВМРО ДПМНЕ! – напиша Мијалков на фејсбук.