Апелациониот суд Скопје соопшти дека од 17 јуни годинава ќе биде ослободен Миле Јанакиески откако е усвоена неговата жалба, пренесе Плусинфо.
Судот информира дека Кривичниот совет донел решение со кое жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се одбива како неоснована, додека жалбата на осудениот Миле Јанакиески, изјавена преку неговиот бранител, со која се бара условен отпуст, се уважува.
– Согласно донесеното решение на Апелациониот суд – Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело, соопшти Судот.
Апелациониот суд Скопје постапувајќи по жалба на осудениот Сашо Мијалков, а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.