Миленковски по триумфот над Данска: Навистина возбудлив натпревар, но молам без еуфорија

Ова беше еден навистина возбудлив натпревар, но молам без еуфорија, порача синоќа македонскиот одбојкарски селектор Јошко Миленковски. Тој не можеше да го сокрие задоволството од победата над Данска од 3-1 на стартот од Европското првенство 2023 кое се одржува во Скопје.

Во Групата Ц, Македонија дојде до првата значајна победа која ги отвора амбициите за пат кон осминафиналето. Миленковски повикува дека не смее да има еуфорија затоа што се уште не е постигната целта на овој шампионат.

-Ова беше еден навистина возбудлив натпревар, но молам без еуфорија. Затоа што не чека еден клучен натпревар против Црна Гора. Ние имаме своја цел и мора да ја реализираме. А ќе ја реализираме само со смиреност и трпение. Свесни сме дека победивме еден тежок натпревар пред кој носевме притисок затоа што сакавме победа. А, јас знам, дека тие натпревари се секогаш најтешки за играње. Секој поен беше возбудлив, секој поен беше под притисок, но тоа не е ништо чудно затоа што беше натпревар со големи емоции. На крај извонредна победа, заслужена до крај, иако имавме и некои грешки кои ќе мора да ги корегираме, грешки кои обично никогаш не ги правиме. Но, тоа е цената на тој мал притисок, оцени тој.

Селекторот додава дека македонските одбојкари можат да ја победат Црна Гора.

-Црна Гора можеме да ја добиеме и ќе ја анализираме добро. Тие ќе играат полетно, млада селекција се, и тоа може да биде опасно за нас исто како што е опасна еуфоријата. Затоа мора да се спуштиме на земја, да одмори, добро да ги анализираме и да одиграме повторно на ниво, рече Миленковски.

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, пак, синоќа рече дека горд на неговите соиграчи кои одиграа меч на високо ниво и со победа над Данска го стартуваа Европското првенство.

-Честитки за моите соиграчи и за оваа неверојатна публика. Беше многу тешко, бевме под голем притисок. Но мило ми е што овие момци уште еднаш покажаа од што се направени, горд сум на нив. Ти благодарам Македонијо. Сега треба прво да се одмориме. Во сабота ќе биде исто, бидејќи треба да победиме. Се разбира дека ќе се обидеме да го направиме тоа, вели капитенот Ѓоргиев.

Претходна вестМицкоски: Францускиот претседател им ја кажа вистината, Ковачевски се врати блед од Блед
Следна вестИзречени 230 казни, 46 за пребрзо возење, 22 за возење без дозвола…