Фудбалската репрезентација на Македонија со победата на Малта и резултат од 2:1 стартуваше во новите квалификации за пласман на ЕП 2024 година. По натпреварот селекторот Благоја Милевски изјави дека е презадоволен од играта на тимот.
– Честитки за момците, за енергијата, желбата и тактичката дисциплина што ја покажаа на овој натпревар. Ваквите мечеви како со Малта се најопасни. Честитки на момците за тоа како одиграа и како го завршија мечот – со победа што е и најважно, изјави Милевски.
Тој додаде дека е задоволен и од тоа како напредува репрезентацијата.
– Од меч во меч се подобро играме. Треба време за да се создаде хемија меѓу играчите. Се повеќе личиме на тим каков што сакам. Тоа го покажуваме од собир на собир. Во првото полувреме мораше акциите да ги завршуваме со повеќе удари на гол, а не можам да не сум задоволен од второто полувреме. Штета за играчите што оваа победа не е со повеќе голови. Пред се поради нив и нивната самодоверба. Искрено, од Малта очекував и подобро издание. Се покажаа одлично во транзиција, по одземена топка имаат добри тркачи. Но ние добро реагиравме на сето тоа. Најтешко е да се игра против вакви селекции Малта, Исланд, Фарски Острови… Секогаш морате да сте на високо ниво. Задоволен сум од севкупниот впечаток, заклучи Милевски.
Селекторот појасни и дека не заслужил да биде исклучен од натпреварот бидејќи за напуштање од ограничен простор се добива жолт, а не црвен картон како во неговиот случај.
Инаку, тој даде објаснување за повредените фудбалери, Адеми почувствувал болка и на тренингот но тој вели дека не е ништо страшно, додека Зајков со Прва помош е пренесен во болница и се чека информација за неговата состојба.