Милевски се повлекува од министерската функција, вели дека немало раздор во партијата

Повлекување од функцијата министер за локална самоуправа потврди денеска Горан Милевски, лидер на Либерално-демократска партија. Се навестува дека до крајот на годината, на претстојниот партиски конгрес, тој ќе се повлече и од лидерската позиција во партијата.

-Се повлекувам од функцијата во Владата следната недела. Време е за промена. Не постои никаков раздор во партијата и се е редовно и нормално. До крајот на годината треба да одржеме редовен конгрес и до тогаш ќе одлучиме сите заедно што е најдобро, изјави денеска Милевски кој три години беше на чело на ЛДП.

Неофицијално се дознава дека по ова повлекување тој планира и целосно повлекување од политиката. Се дознава дека најсериозен кандидат за нов лидер на либералдемократите е потпретседателката Моника Зајкова, која е еден од двајцата пратеници на ЛДП, заедно со Боби Мојсоски. Милевски во 2015 година ја наследи лидерската позиција од Андреј Жерновски кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар.

Во изминатиов период Милевски беше мошне критичен кон одредени состојби во државата. Тој остро го критикуваше првичниот француски предлог за кревање на бугарското вето за Македонија, а за Пописот на населението рече дека „наместо статистичка се претворил во политичка операција“.

Претходна вестПриведени четири лица на подрачје на Чаир и Бутел, одземени пиштоли, марихуана…
Следна вестПендаровски по долго време пак силно искрен: За жал ние сме „купи ден – помини“ политика