Милтон Манаки ги снимаше и турскиот султан, и македонските партизани, и Тито, и…

Баба Деспина, стара 114 години, снимена како преде во дворот на родното село Авдела, заедно со другите ткаачки, од страна на Милтон Манаки, е прв филмски кадар снимен на Балканот воопшто. Денеска, на денот кога пред 60 години починал Милтон Манаки, на 5 март 1964 година, е прилика за потсетување на големото дело и историско и културно наследство кое зад себе го оставил овој прв филмски снимател на Балканот. Роден во 1880 година во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција, Милтон прво се образувал во родното село, а потоа татко му го запишал во романското трговско училиште во Јанина. Но Милтон по само една година го напуштил школувањето, и на 13 годишна возраст се вратил во селото, минувајќи го времето со другарите за да потоа брат му Јанаки го зел во своето фотоателје. Потоа, во 1904 година следи нивната преселба во Битола каде заедно изградиле фотоателје на главната улица Широк Сокак. Во Битола за првпат видел кинопретстава, и автомобил по градските улици, по што следува негова цврста определба за посветеноста на фотоапаратот и на филмската камера.

Во тој период, според подоценежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот Биосцопе, произведена од компанијата Цхарлес Урбан Традинг Цо. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.

Од посебно значење се нивните 450 фотографии и еден кусометражен филм снимени за време на Младотурската револуција, 1908 и 1909 година, како и ангажманот за посетата на турскиот султан Мехмед Решад  Петти во Битола, во 1911 година. За таа цел, Милтон отпатувал во Солун, каде на пристаништето го снимал доаѓањето на султанот, а потоа и неговото патување со воз на релацијата Солун – Битола, свечениот пречек на железничката станица во Битола, како и манифестациите одржани во чест на султанот.

Од нивната богата и плодотворна работа се зачувани и повеќе други материјали меѓу кои треба да се спомнат: „Влашкото училиште во Адела“ или „Училиште на отворено’ (1905), „Прославата на Ѓурѓовден“, „Македонски ора“, „Влашка свадба“, „Македонска свадба во Битолско“, „Репресии врз македонското население во Битола“, „Прослава на Св. Кирил и Методиј“ (1905-1908), „Панаѓур кај Св. Недела во Битола и на други места“ (1907), „Бесењето на Илинденци“(1908), „Романскиот министер Истрате ги посетува Битола, Гопеш и Рсен“, „Посета на принцот Александар во Битола“ и др.

Во текот на Првата светска војна, при гранатирање на Битола погодено е ателјето и бил уништен фотоапаратот и друга опрема. Во 1919 година, Јанаки и Манаки со заеднички напори го обновиле фотоателјето и решиле да ја прошират дејноста. Во 1921 година, набавиле кинопроектор, и на 16 август истата година започнало да работи киното „Манаки“, во почеток, како летна кино-бавча. Наредната година се зафатиле со изградба на наменска кино сала, која била готова во 1923 година.

На 4 ноември 1944 година единиците на Седмата битолска бригада на НОВ на Македонија ја ослободиле Битола. Милтон го овековечил историското влегување на македонската војска и пречекот приреден од граѓаните на Битола, како и големиот митинг на 8 ноември истата година. Во овој период, Милтон направил преку 4.500 фотографии, меѓу кои портрет на Лазар Колишевски, како и серија фотографии од престојот на Јосип Броз Тито во Битола, во 1957 година.

Во 1955 година, Милтон Манаки ги понудил за откуп филмските материјали на Државниот архив, при што е постигната спогодба за откуп за 1.500 метри филмски материјал. Во 1965 година, една година по смртта на Милтон, постигнат е договор меѓу сопругата и синот на Милтон со Собранието на општина Битола за откуп на филмската камера „Биоскоп 300“, проекционен апарат, 8 фотографски апарати, 6.000 негатив плочи, 1.000-2.000 делови од плочи, поголем број фотонегативи, фотографии од разни формати, преписка, дипломи и друга документација.

Овие фотографски и филмски записи имаат посебна историска вредност за Македонија. Тоа е време на бурните историски настани – на Илинденското востание, Младотурската револуција, двете балканските и светски војни… И од таа причина вредностите на снимениот материјал, на кои браќата Манаки посветувале посебно внимание, со тек на временото добива поширока историска димензија, не само за македонската туку и за светската кинематографија.

 

Претходна вестМуцунски: Веќе не го гледаме СДСМ како политички конкурент
Следна вестВремето денеска: Облачно и посвежо со врнежи од дожд