Дури по 22 години од ѕверскиот масакр врз македонски бранители кај Вејце министерката за одбрана Славјанка Петровска се сети да иницира поставување на соодветно спомен-обележје на убиените патриоти кои си ја бранеа државата. Иницијативата е испратена до Советот на општина Тетово кој за неа ќе треба да се произнесе.
До сега таму соодветно обележје немаше. Владините и други државни функционери не покренуваа вакво прашање и се им беше оставено на организациите на бранителите. Пред две години Здружението на бранителите постави две спомен-плочи и цвеќе за да ги одбележи две децении од морничавиот настан, но тие набрзо потоа беа искршени и расфрлани. Сторителите, се разбира, никогаш не беа откриени.
Сега останува да се види како ќе помине иницијативата на минстерката Петровска кај тетовскиот Совет. Ќе се види и колку таа ќе биде упорна во намерата споменик да се подигне што побрзо. Министерката на Фејсбук каде ја објави идејата, наведе дека овие настани не треба и не смее да нè разделуваат.
-Напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат, напиша министерката Петровска.
Меѓутоа, во досегашната реалност никако да се дојде до тоа да може да се постават неколку спомен-обележја за настраданите македонски бранители и граѓани во конфликтот пред 22 години. Вејце е само една локација, а, освен таму, достоинстено обележје не може да добијат ниту загинатите македонски бранители кај Карпалак, разнесените со бомби цивили кај мотелот „Бриони“… Секој обид таму да се постават обележје завршува со демолирање од „непознат сторител“. На Караплак, се уште како обележје стои мала лимена плоча со имињата на загинатите, што не е соодветно и не е достоинствено.
Министерката ќе се потруди ли и за другите места иницијативата за поставување на соодветно спомен обележје да ја почне набргу? И секако, не треба се да заврши само со иницијатива туку и со реализација.