Јас повеќе од вас сакам да бидам првиот што ќе најави – од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запаметен по таа изјава. Меѓутоа, состојбата сѐ уште не е толку позитивна за да можеме да кажеме од денес сме слободни, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали. Тој објасни дека тргањето на маските не го дозволуваат актуелните показатели произлезени од серолошката анализа кај населението.
– На една страна се желбите, а на друга се реалните бројки што ги добиваме. Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале КОВИД-19, имаат имунитет. Сите тие држави кои ги ослободија мерките имаа многу поголеми показатели. Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките, одговори министерот Сали на прашањето дали подобрувањето на епидемиолошката состојба значи и олабавување на мерката.
Според него, за жал, ние се уште сме на граница меѓу жолта и зелена зона, но повеќе кон жолтата. Тој очекува во текот на неделава да преминеме во зелена фаза во однос на ризикот од ширење на коронавирусот, но смета дека не е време за симнување на маските. На ваков став се и Министерството, Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести.
-Имаме четири држави што ни се репер како први што олабавија мерки и денес таму забележуваме бумеранг, враќање на состојбата како што беше порано. Сите сме согласни дека не треба да направиме таков потег, да олесниме, а потоа повторно да се вратиме на претходното. Оваа недела на состанок на Комисијата закажан в среда ќе видиме во каква состојба сме, рече денес министерот Сали по претставувањето на јапонската донација во опрема за лекување постковид-пациенти во јавното здравство во вредност од 813.000 евра.
Во следниот период, по стивнување на последниот бран на коронавирусот, министерот Сали најави фаза во која здравствениот систем се подготвува за лекување на пациентите со последици по прележан Ковид-19.