Министерот за правда Лога: Не одам на седниците на Судскиот совет, нарушен му е кредибилитетот и се случија низа нерегуларности

Низа нерегуларности коишто се случија во последниот период и нарушен кредибилитет се едни од причините поради кои министерот за правда Кренар Лога не присуствува на седниците на Судскиот совет. Министертство за правда објави соопштнение откако на денешната седница на Судскиот совет беше посочено дека министерот за правда Кренар Лога и претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, кои се членови по функција на СС, иако уредно поканети не се присутни и не го известиле Советот за нивното отсуство.

Во соопштението Лога наведува дека присуството на министерот за правда на седници, без право на глас, не влијае на носењето одлуки и законското работење на Судскиот совет. Лога потсетува дека во изминатите години неколку министри за правда не присуствувале на седниците на Судскиот совет поради препораката на ГРЕКО за укинување на членството на министерот за правда по службена должност во ова тело.

– Веднаш по стапувањето на функцијата министер го известив Судскиот совет и побарав да се почитува препораката на ГРЕКО и да се интервенира во Уставот со бришење на оваа одредба, во спротивно најавив дека ќе присуствувам на сите седници на Судскиот совет на кои имам право како член по функција затоа што Уставот мора да се почитува, наведува Лога.

Со писмен допис, дополнува, го информирав  Судскиот совет да направи разграничување на седниците и да ме информира за оние на кои можам да присуствувам.

-Како што е наведено во Законот, членовите на Советот по функција  не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд. Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело каде во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посетата на Оценската мисија на ЕУ која ја скенираше состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците исто како што тоа го правеа моите претходници, стои во соопштението од Министерството за правда.

Претходна вестУапсен албански државјанин, го нарушил јавниот ред во гостиварската болница
Следна вестНа Пеленица кај Драчево има околу 40.000 тони контаминирана почва, може да се исчисти со 60 милиони евра