Министерство за правда: Немаме никаква надлежност да вршиме надзор над работата на здруженијата

Министерството за правда нема никаква надлежност да врши надзор над работата на здруженијата, согласно член 58 од Законот за здруженија и фондации, соопшти денеска Министерството за правда. Тие реагираат на наводите изнесени денеска од страна на претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска во однос на постапката за регистрација на здружението ,,Иван Михајлов‘‘ во Битола.

-Министерството за правда единствено е надлежно да врши надзор на законитоста на примената на одредбите од законот.  Министерството за правда нема дадено согласност за употреба на името ,,Иван Михајлов”. Во однос на постапката за регистрација на здружението ,,Иван Михајлов‘‘, до Министерството за правда на ден 27.02.2019 година доставено е барање за давање на согласност за регистрација во Централен регистар. Министерството за правда со допис од 05.03.2019 година достави одговор на барањето со кое се известува подносителот дека согласно член 9 став (1) од Законот за здруженија и фондации  Министерството за правда издава одобрение за употреба на зборот ‘‘Македонија‘‘, зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, за употреба во името на организацијата, се наведува во реакцијата.

Министерството додава дека со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар Иван Михајлов, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен е предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или било кој друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не  издаде одобрение за употреба на името ,,Иван Михајлов‘‘ во името на здружението.

-Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда, се наведува во реакцијата.

Бендевска денеска изјави дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов” – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.

Комисијата утврди дека Здружението Културен центар „Иван Михајлов” е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.

Претходна вестМакедонија нема да оди на Евровизија 2023, со парите за котизација се плаќала струја
Следна вестПендаровски: Неопходен државен консензус околу претстојните уставни промени за кои не треба да се брза