Барањето на Пецаков да се одложи работењето на делницата Подмоље – Охрид е лицемерно и неприфатливо, реагира Министерството за транспорт и врски. Во соопштението по барањето на Пецаков изградбата на автопатот да се помести за септември, по туристичката сезона, се наведува дека тоа е наприфатливо. Пецаков вчера укажа дека со затворањето на влезот во Охрид и пренасочување на сообраќајот по стариот пат, се создаваат големи колони возила и нетрпеливост кај возачите, што ќе влијае и на туристичката сезона.
-Поддршката од централната власт кон општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект, стои во писмената реакција на Министерството.
Забележуваат дека, според соопштението, несфатливата реакција доаѓала од градоначалник од политичката партија, која оставила хаос на истиот автопат и оти сега се борат тој автопат да не се изгради.
-Пецаков треба да има предвид дека се отстранија сите проблеми на оваа делница кои ги затекнавме од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата. Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3500 имотно-правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен, посочува Министерството за транспорт и врски.
На ова, Пецаков во објавата на Фејсбук порача:
-Ето, јас сум праел опструкција на сам почеток на туристичка сезона и сум лицемер. Да бидам култирен, здравјето му го зедовте на Охрид. Пред да реагирам, ви реагираа и граѓани и туристички агенции, ама и цел туристички сектор. Терајте, далеку ќе стигнете.