Има ли некој кој е задоволен кога ќе добие единица како оценка на училиште? Огромниот дел од нас не би бил задоволен ниту со двојка, нели?
Е, а вакви оценки доби македонското образование во пониските класови. Имено, последното, ланско, рангирање на македонските четвртоодделенци во меѓународното тестирање ТИМСС, покажа дека од вкупно 58 држави нашите ученици се најдоа на 51-во место по знаење за природни науки, а на 45-то место по математичка писменост. Значи, многу, многу долу на листата.
Пред две години резултатите беа уште полоши, кога тестираните 15-годишници се најдоа на 67-мо место меѓу 77 земји во читањето и математиката, а на 63-то во природните науки.
Оценките опоменуваат и бараат да се „загрее“ столчето. Но, не само учениците треба да запнат, пред се, во ресорното министерство. А министерството за образование, меѓутоа, и ваковиот резултат го доживеа како доказ дека „како земја генерално имаме капацитет да создадеме квалитетно едуцирани генерации“.
-Но, треба уште многу да се работи. Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Треба да создадат идни генерации кои нема само да меморираат факти туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти, соопшти нашето Министерство.
Значи, пак ги добивме истите рефрени, одново исто повторување на потребата за промени во образованието… Сето ова се слушаше и во изминитиве години, се правеа вакви и онакви реформи и промени во концептот на образованието за да се стаса до „единици“ и „двојки“. Кога по толку реформи и стратегии се постигнува таков резултат, тогаш проблемот е во оние кои (не) ги прават добро промените.
Потребно е, прво, Министерството самото себе да се оцени. Тоа да не го направи со врски и овој пат да си ја стави заслужената единица. Потоа да се лоцираат слабите лица и внатре во министерството и што ги ангажираат од страна, па да повторуваат, за веќе истите тие кои се полни со единици – „кецашите“ да не ни ја прават образовната реформа.
Ајде, нека се проветри од повторувачи тоа Министерство, тоа Биро за развој на образованието, тоа…
Може ли кецаш да состави и напише задача за петкаш? Може, само во партиска пропаганда.