Отворен Балкан го олеснува движењето на населението и стоката меѓу Македонија, Србија и Албанија. Ова веќе неколку месеци го слушаме од македонските министри сосе премиерот.
Арно ама, секој ден читаме дека од половина час па и повеќе се чека за излез и влез во државата на граничниот премин Табановце на македонско-српската граница. Во шпицот на летната сезона беше и полошо кога колони и колони на автомобили, автобуси и камиони чекаа со часови за да ја преминат границата. Зошто е така, нели требаше со новиот систем на работа на границите протокот на луѓе да биде далеку побрз?
Екипа на „Скопско Ехо“ вчера се увери дека минувањето на границата и завршувањето на граничните формалности долго трае и покрај тоа што сега има само еден заеднички македонско-српски граничен пункт. Сепак, пак, има една контрола од српски полицајци, а потоа друга контрола од македонски.
-Очекував да поминам за 2-3 минути. Таков впечаток оставаа министрите преку телевизиските настапи, ни прокоментира македонски државјанин кој се враќаше од Србија, ни вели чекал 35 минути на границата.
Да, министрите најавуваа и ветуваа. Но, на теренот можевме да видиме дека службено возило со македонски функционери при враќање од Србија со помош на полициско возило пред себе ги заобиколи долгите колони кои чекаа на границата и поминаа брзо (за 30 секунди) на македонска страна.
Да, за министри Отворен Балкан навистина функционира. Сите други – треба да почекаат.
Може веќе денеска ќе има нова прес конференција каде ќе ни кажат дека Отворен Балкан засилено функционира. Впрочем цел овој викенд неколку македонски министри сосе премиерот беа во Белград… тоа е сигурно поради наше добро.