Миовски брилјираше: Даде два гола и израдува детенце по победата на Абердин

Македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски игра сезона од соништата во шкотската Премиер лига.

Миовски во Шкотскиот Куп беше двоен стрелец за Абердин и ја обезбеди победата над Бониринг Роуз со 2:0 во осминафиналето на Купот. Абердин по само 25 минути водеше со 2-0, благодарение на головите на нашиот напаѓач. Првиот го постигна во 17., а вториот во 25. минута за убедливо водство на Абердин кој со едната нога веќе е меѓу осумте најдобри во Купот.

Интересно е тоа што Миовски е стрелец на последните шест и седум од последните осум гола на Абердин во сите натпреварувања. Погоди против Клајд во претходната фаза од Купот, а продолжи со Сент Џонстон (1-1), Данди (1-1), Селтик (1-1) и Ренџерс (1-2). Со денешните два, тој е веќе на бројката од 22 гола сезонава во дресот на Абердин.

По натпреварот тој покажа дека освен врвен голгетер, е и голем човек. Имено, млад фан на Абердин на трибините имаше знак на кој му го бараше дресот. Детенцето напиша: „Миовски – најдобар на светот! Те молам ако може да го добијам твојот дрес, ти си ми омилен фудбалер! СУИИИ – БМ9“.

Нашиот фудбалер му ја исполни желбата на овој млад навивач, приредувајќи му ден кој долго ќе го памети, а клупскиот фотограф на Абердин го овековечи овој момент.

Миовски е во извонредна форма оваа сезона и постигна вкупно 22 гола и четири асистенции на 36 меча за Абердин во сите натпреварувања.

Новиот менаџер на Абердин, легендарниот Нил Ворнок, тврди дека тој е најдобриот напаѓач што го тренирал во долгата и богата кариера.

-Му кажав да даде два гола и да излезе на полувреме. Потоа му предложив ако сака и да остане до 60.минута за да комплетира хет-трик. Си намигнавме кога ги постигна погодоците и решивме дека е доволно за минутажата. Во кариерата имав многу проблеми со напаѓачите, а сега го добив најдобриот напаѓач кој сум го тренирал, изјави Ворнок.

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Министерството за култура доделило 900.000 денари за бришење на шкртаниците од Шарената револуција
Следна вестВо изминатово деноноќие низ Македонија гореше на 34 локации