Оставки на своите функции денеска поднесоа членовите на Судскиот совет Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски. Оставките се депонирани денеска во архивата на Судскиот совет, а причините засега се непознати. Двајцата беа членови на Судскиот совет помалку од една година – од 19 септември 2022, а беа избрани за членови на непосредни избори, од редот на судиите.
Судијата Герасимовски, заедно со судиите Ивица Николовски и Мирјана Радевска, како и членката Весна Дамева, која не е од редот на судиите, гласаа против сите одлуки што следуваа по незаконското разрешување на Дамева од претседателската функција минатиот месец.
Оставките доаѓаат во период кога ова тело се соочува со низа критики кои ескалираа со контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева, која беше покренато од група членови поради човечките односи во Советот. Во критиките во јавноста имаше многу барања за оставки на сите членови во овој важен орган со цел да се врати нарушениот углед во јавноста и поврати довербата на граѓаните. Оттами и дилема дали по овие оставки ќе следат и оставки од други членови.
Инаку, случувањата околу разрешувањето на Весна Дамева ги засили шпекулациите дека заднината на сето ова е иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.
Бранувањата во Судскиот совет не само што не стивнуваат туку и се засилуваат откако вчера советот на дневен ред на седницата ги разгледуваше судските предмети во кои е вклучен сопругот на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева.