Мишел му порача на Мицкоски дека е клучно да се почитуваат правно обврзувачките договори

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска ја повика Република Северна Македонија да ги почитува преземените обврски, да ги спроведе правно обврзувачките договори и одлучно да продолжи со реформите на патот кон ЕУ. Оваа порака ја напиша на социјалната мрежа „Икс“ по неговата вчерашна затворена средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

-Го пречекав премиерот Христијан Мицкоски во Брисел и ја поздравив геостратешката ориентација на Северна Македонија и посветеноста за членство во ЕУ. Со сегашниот моментум во проширувањето на ЕУ, Северна Македонија има вистинска можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство. Сега е клучно да се спроведат минатите обврски, да се почитуваат правно обврзувачките договори и да се продолжат реформите поврзани со ЕУ со одлучност, напиша Мишел.

Мицкоски вчера беше во Брисел заедно со лидерите на останатите пет земји од Западен Балкан. Гостите беа поканети на работен ручек од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Премиерот за овие средби истакна дека разговарале за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава.

Тој истакнал дека процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот мора да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.

– За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе, истакна Мицкоски.

Тој потенцираше дека повеќе нема да прифаќа  ултиматуми и како влада ќе бидат конструктивни и фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Во разговорите за време на ручекот истакнал дека државава била  жртва на многу понижувања во минатото, како што е промена на името, на знамето, банкнотите и промена на Уставот неколку пати и дека се залага за пронаоѓање на вистинскиот пат кон ЕУ, но тој да не биде понижувачки.

 

Претходна вестМухамед Зеќири доби ново судење, Апелација му ја укина пресудата
Следна вестКомитет на министри на Советот на Европа: Бугарија 17 години не почитува судски одлуки и одбива да регистрира македонски здруженија