Митрополит Агатангел за историските комисисти: Без срам се поништуваат себеси, своите најблиски, својот народ…

Живееме во време кога оној што „победува“ од никого не е прашуван дали во минатото ја говорел вистината. Ваквиот „победник“ го затвора своето срце за сомилоста, бидејќи е убеден дека правото е на страната на посилниот. Вака ја почнува својата колумна Митрополит Повардарски Агатангел. Тој во реномираниот весник „Нова Македонија“ потенцира: „Денес, во Македонија, под водство на колективниот Запад, очигледно е отворен само еден мал крак на сесветски фронт, кој преку француско-бугарските предлози интензивно работи на обезличување на македонскиот народ, кој пак самиот со своја согласност, „написмено и законски“, конечно треба да биде покорен и еднаш засекогаш уништен до непрепознавање“.

Во продолжение на текстот тој прашува: „Треба ли сите здружно да молчиме во името на некоја повисока цел, сè ли треба да биде оправдано со некакви лудости и небулозности? Се прашува ли некој во оваа држава кои се последиците од омаловажувањето, од газењето на националното достоинство на македонскиот народ?“

– Изгледа на Балканот, само на македонскиот народ му е забрането да се занимава со својата историја, а историјата знае и да казнува, ако навреме не се научат нејзините лекции. Ова последново особено важи за членовите на Комисијата за историски и образовни прашања, кои без никаков срам и задршка одлучија да чекорат на линија на помал отпор и да ја погазат сета македонска наука, да се поништат себеси, своите најблиски, својот народ и на крајот дури и своите научни трудови и своето лично достоинство. Ако сето ова го направиле заради некаква лична корист и придобивка, вечно нека си го носат срамот, кој неминовно ќе биде составен дел од колективното сеќавање кога во иднина ќе бидат спомнувани нивните имиња. Господа, парите се отепувачка!
Во сиот овој апсурд, сепак има и една позитивна работа, а тоа е дека полека се кристализираат некои работи. На едната страна, во огромно малцинство, стојат штитеници на индустриски колонисти и на крупниот капитал, кои имаат амбиција да згазат сè што ќе им се најде на патот, а на другата страна се чесни и работливи луѓе што ја слават својата национална историја и сè уште веруваат во традиционалниот морал и во проверените вредности што низ вековите опитно произлегле од него. Првите се гласни квазиинтелектуалци, чија единствена вредност и идеологија им се наоѓа во пределот на сопствениот стомак. Овие, по правило, се оперирани од срам, а совеста им е орган без кој може да се живее. Вторите сме сите ние, солта на светот, кои секогаш стоеле на страната на правдата и вистината и кои во сите времиња и во сите епохи, при сите немири и недоумици, сме излегувале како победници.
Затоа, не плашете се, мили мои Македонци, зашто Вечниот Бог не е пристрасен, ниту суди и вреднува необјективно, туку кај секој народ, кој се бои од Него, ги воспоставува својата милост и правда!, напиша Митрополитот.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.

Претходна вестБислимовски почна да је штеди струјата во РКЕ: Одам по скали, планирам да ја намалам тежината
Следна вестКовачевски, Вучиќ и Рама наздравија за „Винската визија на Отворен Балкан“