Проектот за воведување на брз автобуски систем не е напуштен туку се корегираат грешките се одглавува каде што претходниот градоначалник Петре Шилегов го заглавил. Ова синоќа го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски во настапот во емисијата „Само вистина“ која се емитува на Канал 5.
-Проектот БРТ не е напуштен туку грешките кои што претходниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ Петре Шилегов во проектот, всушност нема проект туку таму има само желба, технички ги корегираме. Ниеден проект нема да се стопира, само проектите кои што беа заглавени од претходната администрација и претходниот градоначалник на Градот Скопје овие четири се решаваат и се одглавуваат. Изјави Мицкоски.
Како проекти кои се „одглавуваат“ тој ги наведе мостот АСНОМ којшто ги поврзува Аеродром со Керамидница, првата фаза на булеварот АСНОМ 1, 2 којшто проаѓа покрај Ист Гејт, мостот на улица „Љубљанска“ спроти карши Сити Мол, булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево, улица „Ленинова“, булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и други проекти.
-Во моментот распишан е тендер за реконструкција на 11 булевари кој што треба да заврши до крајот на месецов и веќе од есен да почнат да се реализираат, започнува Усјански канал, започнуваат и други проекти кои што ќе се градат, започнуваат и „Бутелска“, „Славка Димкова“ во Драчево, неколку проекти за физибилите за кружен тек во Сарај и Ѓорче. Повторно го вадиме на виделина проектот за „Цветан Димов“, да нема гужва на Бит Пазар за да можат пристојно да се движат Чаирчани, Бутелчани и сите останати во тој дел на градот, рече Мицкоски.
Актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска во декември лани во стопира распишаниот тендер за изградба на БРТ системот од страна на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Таа тогаш изјави дека БРТ „не е добро решение“ и најави дека е можно распишување на референдум за тоа дали скопјани поддржуваат воведување на БРТ системот во јавниот превоз на главниот град или не.