Коалицијата на СДСМ и ДУИ веќе нема мнозинство во парламентот. Ова е потврдено вечерва од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Имаме ново парламентарно мнозинство, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на социјалните мрежи, споделувајќи фотографија со високи претставници од ААА, Левица и Беса.
Влада предводена од СДСМ е минато, истакнал Мицкоски за медиумите.
-Ја очекуваме оставката од Зоран Заев, која што ја најави. Доколку тоа не се случи, ќе поднесеме постапка со која ќе се изгласа недоверба на Владата, објасни тој.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството договорено на вечерашната средба гарантира дека Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ е минато.
-Очекуваме да ја поднесат оставката, а за сите останати детали ќе биде јавноста благовремено информирана, посочи Мицкоски кој прашан дали со овој потег се отфрла можноста за предвремени избори, кажа дека сите опции и натаму се во игра.
-Едната опција е да се укрупни опозицијата и да се формира ново мнозинство кое ќе изгласа недоверба на Владата, доколку тактизира Зоран Заев со оставката, а второто е да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, посочи тој, пренесува Макфакс.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека во текот на утрешниот ден ќе се каже малку повеќе за новонастанатата политичка ситуација.
Инаку, како што се дознава новото мнозинство има 61 пратеник, со тенденција била да се стигне до 64 народни избраници.