Мицкоски утре повика на протест за поддршка на осудените за 27 април

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа повика на општонароден протест утре, в недела за поддршка на осудените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година.

Според рутата што ја објави на својот фејсбук-профил, протестот ќе почне претпладне пред Владата, а ќе продолжи со марш до Собранието.

-Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите седмици, неколкупати посочуваа дека не се директни организатори на протестот, туку дека ќе го поддржат.

Поддршка за протестот, од Будимпешта, изрази и екс- премиерот Никола Груевски, кој беше на чело на ВМРО-ДПМНЕ кога се случија настаните во парламентот и е меѓу осомничените за организација на настаните на 27 април, ама не е опфатен со тековниот судски процес, затоа што е во бегство.

Претходна вестПратениците се враќаат во старата сала за седници кон крај на мај?
Следна вестКавадарчанец дома имал магацин со оружје и муниција