Мицкоски: Власта предложи подигање на прагот за независните листи на 2 отсто

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека измената во Изборниот законик, со која прагот за поднесување на независни листи се подига на 2 отсто од запишаните избирачи во општината, била на предлог на владејачките партии.

Тој се согласува дека измената е спротивна на препораките на ОБСЕ-ОДИХР, за што жестоко реагираа граѓанските организации, помалите партии, а денеска и Антикорупциската комисија.

-Што се однесува до процентот што го регулира бројот на потребни потписи за независните листи, добро е македонската јавност да знае дека препораката на ОБСЕ-ОДИХР е минимум еден процент. Два процента е поради барањето на владејачките партии. Но, ние изразуваме целосно разбирање за помалите партии и за ВМРО-ДПМНЕ прифатливо е секое решение што власта, заедно со нивните помали коалициони партнери, ќе го договорат, одговори Мицкоски на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој ја обвинува власта и за тоа што Изборниот законик се менува непосредно пред локалните избори.

Претходна вестДве момчиња избодени со нож пред маркет во Чаир
Следна вестУтре до 43 степени