Ако го набљудувате случајот на луѓето кои се осудени за тероризам, можеби Македонија е единствената држава во светот со толку терористи во затвор, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На обвинувањата од премиерот Зоран Заев дека со поддршката на осудените за тероризам за 27 април, опозицијата поддржува насилство, Мицкоски вели дека тие само бараат правда, односно одново да им се суди, бидејќи сметаат дека се неправедно осудени во политички процес.
-Може да видите дека судијата кој ги изрече овие драконски казни е судија кој што како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија, изјави денеска Мицкоски.
Тој не ја исклучува можноста за повторно излегување на протести, но најави дека за тоа ќе се дискутира по верските празници Велигден и Бајрам.
За време на викендот Мицкоски со раководството на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од протестот под слоганот „Слобода за уставобранителите“, од каде порачаа дека осудените за тероризам се патриоти и побараа повторно судење.