Водно го силува кој ќе посака. Насилничлкото градење по неговите падини веќе на сите ни е видливо. Видливо е дека Водно не е многу чувано и од отпадоци. Расфрлани кесиња, шишиња, кутии од сокчиња… речиси редовно остануваат на масите, клупите, по џбуновите по секој викенд и поголемо присуство на „вљубениците„ во природата.
Но, сега и тоа се „надоградува“. На полошо, се разбира. Изминатиов викенд посетителите беа стаписани од глетката кога во шумата видоа и фрлен градежен шут, керамички плочки кој некој тука ги донел за да се ослободи од нив по реновирањето на домашниот тоалет.
-Беме вчудоневидени кога забележавме дека во тревата меѓу стеблата видовме и расфрлани плочки. Значи, некој тука специјално ги донел за да ги фрли токму тука. Ова е за секаква осуда. До таму ли имаме несовесни граѓани, ни изјави скопјанецот кој ни ги испрати фотографиите.
Расфрланите плочки се наоѓаат во бизлина на објектите на Црвениот крст на Средно Водно, во близина на патеката која оди кон врвот на планината. Ќе бидат исчистени или нови ќе се додадат?