Раст од 1,4 проценти годинава за Македонија предвидува Меѓународниот монетарен фонд во својот преглед за светската економија во 2023 година. За наредната 2024 година, пак, се предвидува раст од 3,6 проценти. Во однос на очекуваната инфлација којашто лани изнесуваше 14,2 проценти, пак, се очекува нејзиното намалување на 9,2 проценти.
Инаку, од земјите во регинот, највисок економски раст годинава ќе забележат Косово 3,5 и Црна Гора 3,2 отсто. БДП на Грција ќе се зголеми за 2,6 проценти, на Албанија за 2,2, на Србија и на Босна и Херцеговина за 2,0, на Хрватска 1,7 и на Бугарија за 1,4 отсто. На глобално светско ниво ММФ предвидува раст на глобалниот реален БДП од 2,8 отсто во 2023 година и 3,0 отсто во 2024 година, што е нагло забавување од растот од 3,4 отсто во 2022 година поради заострената монетарна политика.
Дали ќе се остварат предвидувањата на ММФ за македонската економија останува да се види. Во јануари Светската банка излезе со намалени проекции за растот на домашната економија со оглед на бројните фактори коишто влијаат не само на земјата, туку и на регионот. Па така, се прогнозира раст на македонската економија од 2,4 проценти годинава, што е за 0,7 процентни поени помалку во однос на објавената проекција во јуни лани. Проекцијата на Владата за економскиот раст на државава за годинава е 2,9 проценти.
Очигледно, прогнозите не се толку оптимистички. Ланската година беше исклучително тешка за македонската економија. Големи беа последиците од ковид-кризата и од војната во Украина, коишто предизвикаа големи потреси. Цените на храната драстично поскапеа, се јавуваше недостиг на некои производи, многу поскапеа и струјата и горивата… Стапката на инфлацијата во еден период стаса и околу 20 проценти, а што предизвика големи проблеми за граѓаните со мали плати. Потрошувачката кошничка надмина 50.000 денари, се зголемија и каматите, државата побара спас во кредити од странство, почна да ги замрзнуваа цените и маржите… Но, сите тие антикризни мерки најдоа и на критики на стопанствениците.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, која ги обединува најголемите и најмоќни македонски фирми, неодамна прозва владата за уништениот приватен бизнис и за партизација. Според него, владата не презема ништо конкретно за да се смени состојбата.
-Јас сега што да правам, ако одам 10 пати во Владата и 10 пати зборувам исто и 10 пати во јавноста излегувам и зборувам исто, а тие не сакаат да одговорат на тоа, него велат добро, ок, и ништо не прават. Што да правам, да ги тепам? Значи, дајте да постигнеме консензус сите. Во Европска унија се оди со јасна цел, со кадар и со пари. Тој ти врши секој ден зафаќања во џебот, на приватниот сектор, тој сака да оди со партиски кадри во Брисел и тој оди со цел која што може да се менува спрема моменталните интереси на партиите, изјави Азески на неодамнешната ,,Бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан”, одржана во Скопје.
Значи, доколку ваквата состојба и натаму остане со тоа во прашање ќе се доведе и најновата проекција на ММФ. Односно, дека растот нема да биде соодветен и дека повторно ќе ни се случи економска стагнација, мали плати и голема инфлација, односно, големи проблеми за граѓаните…