Многу партии реагираат за аферата на Онкологија, ама…

Страшна афера ја тресе Македонија. Скандалозните злоупотреби правени на Клиниката за онкологија ги покрена дури и партиите. Се разбира – да напишат соопштенија.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМЕ соопшти дека злоупотребата на скапата терапија, која наместо кај пациентите завршувала на црниот пазар не можела да се случува без знаење на највисоките структури во клиниката и во владата.

-Со кој образ владата на ДУИ и СДС води кампања дека тие се Европа, а Македонија ја тресе скандал со клиниката за Онкологија и правењето бизнис со терапијата на грбот на пациентите. Зошто МВР и Обвинителство молчеле цело ова време и покрај реакциите од јавноста. Зошто дозволувале некој да прави бизнис на сметка на животите на пациентите? За овој скандал со злоупотреба на терапијата на клиниката на Онкологија мора да има политичка одговорност за молчењето и бавната реакција, но и темелна истрага после која ќе следи кривична одговорност, потенцираа од оваа партија.

Од владечаката партија СДСМ, пак, изјавија дека после 20 години, за прв пат се спроведува една ваква обемна акција на Онкологија.

-Се расчистува грозен криминален случај и тоа од надлежни институции и Влада предводена од СДСМ. Сите институции ја имаат нашата силна поддршка за целосно разрешување и откривање на сите одговорни, во целиот временски период, години наназад. Секој криминал има свое име и презиме и одговорност на сите инволвирани ќе има, најавуваат од оваа партија.

И нивниот коалициски партнер ЛДП наведе дека одговорноста за злоупотребите на Онкологија има име и презиме.

– Оние кои правеле злоупотреби со цитостатици и ги ставиле во опасност човечките животи, треба да одговараат и да го знаеме нивното име и презиме, час поскоро, рече претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

И опозициската Социјалистичка партија реагира на димензиите на монструозниот случај во клиниката за онкологија и криминалната организирана трговија со цитостатици.

-Овој скандал значи целосен морален и организациски колапс на здравствениот систем затоа што ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за нечија лична корист, а цената за тоа е свесно убиство на пациентите, потенцираат од оваа партија.

Од опозициска Левица нагласуваат дека низата информации кои беа објавени во јавноста јасно укажуваат дека криминалот на Онкологија не бил возможен без инволвираност на највисоки политички инстанци.

-Со назначувањето на д-р Нино Васев за директор на онкологија, во моментот кога владата ја доби СДСМ, тој го исклучил КАТО системот чија цел е строга контрола на влезот и излезот на лекови од системот. За имплементација на КАТО системот, македонските граѓани платија 350 илјади евра, но системот функционирал само шест месеци, како последица на политизирањето на здравството и честото менување на менаџерски тимови. Со исклучувањето на КАТО системот, државна онкологија продолжила со подготвување на цитостатици на стариот начин, а всушност тоа овозможило крадење на лековите и администрација на чист физиолошки раствор кај болните од рак!, укажуваат од Левица.

Опозициски Демократскиот сојуз побара политичка и кривична одговорност за монструозното злосторство на Онкологија

-Кривична одговорност мора да сносат сите што биле вклучени во овие грозоморни „убиства“ на пациентите, но без политичка одговорност на премиерот и министрите, ваков вид злосторства и натаму ќе се повторуваат. Јавно ги прашуваме МВР, АНБ, Финансиската полиција и другите надлежни институции – до кога ќе чекате медиумите да го откриваат криминалот од функционери на партиите од власта, порачуваат од Демократски сојуз.

Сигурно, денеска – утре, ќе се редат и други соопштенија. Но, се решаваат ли вакви сериозни проблеми само со соопштенија?

Претходна вестСин заедно со таткото ја истепал својата мајка
Следна вестЈО: Граѓани кои имаат сознанија за евентуални кривични дела на Онкологија да ги пријават