МНР го повика бугарскиот амбасадор во земјава на разговор поради изјавите на Георгиев

420

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) денеска го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков за да му врачи официјален протест како реакција на изјавите на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георгиев денеска при телевизиско гостување во бугарската телевизија БТВ рече дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за С Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече, „северномакедонскиот“ премиер.

-На амбасадорот на Република Бугарија во земјава му е пренесен официјалниот протест и му е укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада, се вели во реакцијата на МНР на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.

Од МНР ги осудуваат навредливите изјави упатени кон премиерот на државата од страна на министерот за надворешни работи на Бугарија дадени во денешното гостување во утринската програма на бугарската телевизија БТВ.

-Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји, пишува во реакцијата од МНР.

Претходна вестХеликоптерот на МВР фрли над 40 тони вода врз пожарот во Дојран
Следна вестДеца државјани на Велика Британија го запалиле пожарот кај Стајковци