Ставот на Бугарија нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада, соопшти денеска бугарското Министерство за надворешни работи. Соопштението доаѓа како реакција на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека во октомври во Бугарија се закажани избори, а дотогаш земјата ќе има техничка (службена) влада, па затоа треба да се почека да заврши тој процес за да продолжи дијалогот меѓу двете земји кога во Софија ќе има политичка влада.
Мицкоски рече дека тој бил за одблокирање на евроинтегративните процеси и ќе работи посветено на таа агенда, но од другата страна треба да има партнер со кого ќе може да се комуницира.
Од бугарското МНР велат дека Софија останува отворена за дијалог, без разлика дали земјата ја води службена или редовна влада. Нагласуваат дека дијалогот не вклучува репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.
-Изјавата на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори, се вели во објавата на бугарското МНР.
Оттаму додаваат дека во летото 2022 година бил постигнат консензус меѓу 27-те земји членки на ЕУ и С. Македонија, во кој, како што велат, целосно се опишани сите чекори за постигнување вистински напредок во процесот на европската интеграција на нашата земја.
-Бугарската позиција е јасно наведена и во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Таа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни преземените меѓународни обврски. Оваа позиција на национално ниво нема да се промени, се додава во соопштението.