МНР: Петмина македонски државјани чекаат евакуација од Газа преку граничниот премин Рафа   

Министерството за надворешни работи потврди дека на листата за евакуација на странски државјани од Појасот Газа преку граничниот премин Рафа се наоѓаат пет државјани на Македонија.

-Во Газа имаме вкупно пет наши државјани. Сите тие се на листата за напуштање на Газа. Исто така, покрај овие пет, на листата е една палестинска државјанка, сопруга и мајка на две деца, кои имаат македонско државјанство, наведуваат од МНР.

Пограничните власти на Газа, утрово, објавија листа со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено денеска да ја напуштат Газа, меѓу нив се и неколкумина македонски државјани.

На повеќе од 500 лица им беше дозволено да заминат вчера, кога прв пат после неколку недели беше отворен граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет.

Претходно, државната агенција МИА објави дека четворица македонски државјани ќе бидат меѓу 600 странски државјани коишто денеска ќе можат да ја напуштат завојуваната Газа преку граничниот премин Рафах и да влезат во Египет. Во веста беше наведено дека тие се на спискот објавен утринава од страна на пограничните власти на Газа.

Преминот беше отворен вчера по повеќе од три недели целосна блокада од страна на Израел, поради што голем број странски државјани и носители на двојни државјанства се најдоа заглавени во Појасот.

Претходна вестЛевица: Касами го реновира стадионот во Тетово само за потребите на „Шкендија“, бараме еднакви услови и на македонските екипи
Следна вестПознати добитниците на наградата „13 Ноември“