МНР потврди дека Фрчкоски е повикан на консултации

Македонскиот амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Информацијата за МИА ја потврдиле од Министерството.

-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека согласно Законот за надворешни работи, македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски, е повикан на консултации во Министерството, велат од МНР и дополнуваат дека јавноста ќе биде навремено известена за сите дополнителни детали.

Повикувајќи се на извори од МНР, телевизијата Канал 5 завчера објави дека Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството поради финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва, и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.

Во март 2022 година Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор на земјава во ОН откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски, сепак, не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот комисиски претседател Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати, не закажа седница на Комисијата.

Претходна вестЗеќирија Ибрахими е новиот претседател на Алтернатива
Следна вестМицкоски, Муцунски, Мисајловски и Тошковски на самитот на НАТО во Вашингтон