Министерството за надворешни работи објави дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, познат како Договорот од Преспа.
-Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД, велат од МНР.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери.
Од тука додаваат дека задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, на вчерашната инаугурација во Собранието положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија. Утрово реагираше и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој рече дека нема да прифатат слични лапсузи.