Ужасен е синоќешниот настан во кој 8-годишното момче од Пинтија до смрт било искасано од куче на соседот. Полицијата и обвинителството ја спроведуваат истрагата за да се утврдат сите околности кои му претходиле на трауматичниот чин. А основното прашање е зошто кучето од раса булмастиф вака агресивно реагирало, дали постојано покажувало таква агресивност, дали било врзано, знаело ли детето дека има такво куче во дворот во којшто влегло…? Сето ова е прашања кои бараат одговори за да се утврди чија е одговорност за грозоморниот настан, но и тој да не се повтори никогаш повеќе.
Првичните сознанија зборуваат дека кучето се однесувало ненормално и агресивно. Според кинолозите, ова раса на кучиња ако немаат соодветен третман уште додека се мали, брзо стануваат опасни и агресивни. Поминало ли ова куче таков некаков третман за социјализација? Колку по градот Скопје и по други македонски градови има вакви кучиња кои се потенцијално опасни? Сигурно дека има многу, при што сега повторно се потврдува дека не се опасни само бездомните кучиња туку и оние кои имаат сопственици, кои, навидум, се неопасни за луѓето. Сега се покажува дека не е така и дека и оние со сопственици може да бидат опасни. Односно, дека поседувањето на едно куче треба да значи и целосна грижа за него, за негова социјализација, за третман, дресура…, се со цел да не биде опасно по околината. Колку од сопствениците на кучињата на таков начин се грижат за своите миленици кои припаѓаат на раси кои што може да бидат мошне агресивни?
Проблемите со кучињата постојат и дека треба да се решаваат и да се под контрола. Колку се прави на тој план во градот не е тешко да се види. Вестите за постојани напади на кучиња врз граѓаните се постојани. Бројот на кучињата и натаму е многу голем. Активностите на ЈП „Лајка“, кое кубури со финансии, засега не се доволни за да значително се намали размножувањето на кучињата. Но, и нема казни за неодговорни сопственици кои ги оставаат своите довчерашни миленици по улиците на кои брзо се размножуваат, нема казни за нечипираните кучиња, за непријавени легла и размножување на кучињата заради продавање, нема казни за оние кои од една општина ги оставаат кучињата на подрачјето на другата…
Ваквата состојба е со години а надлежните од општините и Агенцијата за храна и ветеринарство никако целосно да му се посветат. Па така се доаѓа и во случаи на свирепи пресметувања на граѓаните со кучињата, а што е, исто така, крајно недозволиво. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна дури предложи да се побара помош од Брисел за справувањето со проблемот со бездомните кучиња оти локалните власти не биле доволно ангажирани. Односно, ја призна немоќта во земјава да се најде решение со кое ќе се заштитат граѓаните но и на животните ќе им биде подобро. Трагичниот случај во Пинтија мора да означи пресврт и промена во однесувањето со кое „кучињата ќе лаат а карваните ќе поминуваат“ додека да се смени нешто…