Кусогледост или…?
Многу е важно партиите да се обединат за виталните прашања и стратешките интереси. Но не верувам во се што зборуваат. Сите се само за власт и превласт, а не да седнат и да ги усогласат своите ставови и она што е најправилно да го прифатат, вели Виолета Кондоска
Комуникацијата на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ треба да е секојдневна и тоа не преку соопштенија каде се напаѓаат меѓусебно. Треба да има работни групи кои ќе се сретнуваат и разговараат за определени важни теми за Македонија. Зошто тоа не се прави?
Единство, единствена политика, заеднички стратешки интереси, усогласена политика, домашен консензус… сето ова денеска е голема потреба на Македонија бидејќи како држава е исправена пред силни предизвици и негирања. Зошто ова не може да се постигне? Да, повици од политичарите за да се направи единство има и тоа колку сакаш, ама…
Дури ни околу најзначајните прашања, ниту околу опасностите кои ја демнат Македонија нема единствен одговор од Македонците. Она што на крајот останува се поделбите меѓу партиите, меѓу граѓаните кои меѓусебно се обвинуваат за предавства и опструкции… А никој не гледа дека Македонија поради тоа станува лесен плен на грабливци.
Зошто не седнат и не се договараат, разговараат за да и биде подобро на Македонија? Од друга страна истите тие политичари прифаќаат да разговараат, преговараат со Бугарија, претходно со Грција… се менува име, се разговата за идентитетот… Зарем со нив им е полесен – поприфатлив разговорот?
– Обединувањето околу виталните интереси на државата ни е потребно. Тоа требаше уште поодамна да се постигне. Вака како што оди сега, полека, но сигурно ја губиме контролата врз државата. Досега ни се случија толку многу глупи и наметнати одлуки, просто не ми се верува, ни вели граѓанинот Зоран Гелев.
Тешко до сопствени „црвени линии“
Типичен пример за ова се двата договора кои што актиелната власт во Македонија во изминативе години ги постигна со соседните земји – Грција и Бугарија. Решенијата и одредбите од Преспанскиот договор со Грција се дефинираа далеку од очите на јавноста и без учество на опозицијата. Јавноста беше шокирана од конечните решенија со кои се смени уставното име на државата, македонската страна се откажа од античката македонска историја, се доби проблематичен идентитет… Околу тоа немаше договор со опозицијата и по пропаднатиот референдум за прифаќање на овој договор се случи контроверзното изгласување во македонскиот парламент преку „премислувањето“ на осуммина пратеници од редовите на опозицијата. По сето тоа остана длабока поделеност во општеството. Проблеми и поделби има и околу Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Во него, актуелната власт, и покрај противењето на опозицијата, прифати да има одредба за „заедничката историја“ и што стана извор на сите бугарски блокади и ултиматуми да признаеме дека македонскиот идентитет, јазик и највидни историски личности имаат бугарски корени. Дури по инсистирањето на опозицијата во македонскиот парламент се изгласа посебна Декларација за македонските „црвени линии“. Но, и тоа не помогна за единство.
И натаму не се знае за што точно се преговара со Бугарија, нема јавност, се даваат контроверзни изјави, се даваат сигнали како да се попушта, се упатуваат обвинувања и контраобвинувања… Граѓаните тоа го забележуваат и бараат да се заштити македонскиот идентитет.
– СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, вакви какви што се, немаат потенцијал да обезбедат процес кој ќе го одбрани идентитетот и јазикот на македонските граѓани. Затоа, треба веднаш да се замрзнат договорите со Бугарија, сите да се свртат кон домашните теми и да се смени изборниот модел. Потоа, со нови сили внимателно да се продолжат преговорите, смета Миле Гоцев.
Не се само овие договори она за што власта и опозицијата не можеа да постигнат единство. Поделбите остануваат и во поглед на бројни други, надворешни, но и внатрешни настани – случувањата во македонскиот парламент на 27 април 2017 година, воведување на двојазичност, новиот клинички центар… За сето тоа време политичарите, пак, упатуваат пораки за единство. Обично на празници. Шефот на државата Стево Пендаровски веќе во свои први обраќања и празнични честитки неколку пати нагласи дека е потребно „граѓанско помирување и обединување за да се залечат отворените рани“. Такви пораки упатуваше и претходниот премиер Зоран Заев но, на крајот, ништо не се смени. Сега такви пораки за обединување испрати лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој, врзано за преговорите со Бугарија, порача дека „нуди единство и потпора само за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него“. Но, и тоа беше одбиено од новиот премиер Димитар Ковачевски со образложение дека „понудата не е искрена и дека опозицијата прави хистерија во однос на разговорите кои се водат со Бугарија“.
Кај граѓаните, пак, ваквото нудење и отфрлање на повиците за единство создава впечаток дека партиите се грижат само за свои интереси и дека не се сака да и се попушти на „другата страна“.
– Постои голема потреба за единство кога се во прашање интересите на државата на надворешен план. Сметам дека тешко ќе се постигне единство во догледно време. Мислам дека партиите се свесни за потребата од единство по некои важни прашања, ама проблемот е во тоа што партиите од ,,секое прашање” сакаат да извадат ќар за својата партија, смета граѓанинот Трајче Ѓоргиевски.
Време е за нови луѓе
Од друга страна, ниту од редовите на власта ниту од опозицијата не доаѓаат пораки дека ќе седнат на заедничка маса и дека ќе се договорат за неколку најважни стратешки интереси и позиции на државата од кои никој нема да отстапува. Наместо да се седне и почне да се работи на конкретен договор преку, на пример, одредени комисии и слично, само се продолжува со голи изјави за потребно единство и ништо повеќе од тоа. Повиците за единство, всушност, се повици спротивната страна да го прифати моделот и концептот на единство кој таа го протежира.
-Убаво е кога сите партии би се соединиле и заеднички да ги решаваат проблемите и потребите на државата, во внатрешен и надворешен план. Многу е важно за Македонија партиите да се обединат за виталните прашања и стратешки интереси. Но не верувам во се што зборуваат. Сите се само за власт и за превласт, а не да седнат и да ги усогласат своите ставови и она што е најправилно да го прифатат. Со тоа ќе се знае точно каде е црвената линија и до каде се можни отстапки, ни рече Виолета Кондоска од Прилеп.
Граѓаните, значи, јасно им порачуваат на партиите прво да преговараат за наши сопствени „црвени линии“ а потоа да преговараат со други. Со тоа ќе се одбегне апсурдот со соседните држави да преговараме за најважни работи врзани за идентитетот, за јазикот, името на државата, историјата, за најистакнати личности… а претходно не сме постигнале внатрешен консенсус.
-Време е за промени, време е за обединување… време за нови личности во политиката… доста беше оваа гарнитура… потребни се нови личности со нови видувања на заедништво, ни вели Марјан Димески.
Не треба да комуницираат само преку соопштенија
Комуникацијата на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ треба да е секојдневна и тоа не преку соопштенија каде се напаѓаат. Треба да има работни групи кои ќе се сретнуваат и разговараат за определени важни теми. Така и ќе се постигне повеќе доверба меѓу нив за да се разберат околу најважните прашања. Македонија не може уште долго да ја издржи сегашната поделеноста на македонското ткиво. Го гледаат ли тоа во партиите или повеќе гледаат што странски емисари им кажуваат?