Македонското судство никако да се оправи и да биде она што треба да биде. Довербата на граѓаните во него е на најниски гранки. Таму каде што треба да се решаваат скандалите се редат скандал по скандал. На спорен начин се разрешуваат дури и претседатели на Судскиот совет, за судии и обвинители се избираат роднини на функционери, имаше дури и некои со предвреме полагани правосудни испити.
Дури и претседателката на Врховниот суд се жали на политички притисоци, повикува на помош странски амбасадори кои предупредуваат дека партиите не смеат да вршат притисоци врз судството. По она што се случуваше и со пропаѓањето на Специјалното јавно обвинителство јасно е дека вербата на граѓаните во делителите на правдата е речиси на целосно истекување.
Вчера на тоа потсетија и од Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата кон членството во ЕУ. Нема напредок во судството, Судскиот совет е под политички влијанија…, предупредија од Брисел.
Чаре?
Сериозни реформи и напуштање на досегашните пракси за политичко влијание во судството. Тоа е голем дел од решението.
А дали политичката власт во Македонија го прави тоа? Еве го вчерашниот пример преку кој може да се види одговорот:
Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Јадранка Дабовиќ Анастасовска вчера доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов член на Уставен суд, на предлог од владејачкото мнозинство. Но, со каква биографија? На неа, на комисиската расправа во Собранието, предупредија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Власта систематски бара решение како да ги пополни институциите со партиски функционери кои понатаму ќе ја бранат од криминалите, корупцијата. Со тоа се девалвира правосудството. И за овој кандидат провејува она што е континуитет на изборот на претходните кандидати, а тоа е дека сепак има финеси на политичка позадина, со нејзината претходна работа како советник во Град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година од редовите на СДСМ и член на Управниот одбор на ФЗО…, укажаа од опозицијата.
Значи, личност поврзана со партија се предлага да биде избрана за уставен судија. Ќе успее ли таква личност да биде објективна и партиски непристрасна во идното одлучување во Уставен суд?
Нема ли навистина други стручни кадри во земјава кои во својата биографија немаат претходни активности поврзани со партии?
Прашањата се и до опозицијата. Сите треба да придонесат за независноста на судството, а не само да ги критикуваат другите, а потоа…
Крајно време е за радикални промени. Едната од тие е и изборот на судиите, посебно и во Уставниот суд, каде што во последниот избор имаше и кандидати кои имаа многу тенка правничка биографија, но гласовите на партиското мнозинство ги седнаа во ова важна судска инстанца.