Можат ли експертите Марковски и Гаревски да се договорат како мостот „Беласица“ да биде сигурен за граѓаните?

Сигурен ли е мостот „Беласица“, може ли да падне, каква анализа на оштетувањата е потребна и како да се направи реконструкцијата? Ова се прашањата на кои јавноста веќе цели два месеца не може да добие јасен одговор. Наместо тоа, конфузиите околу тоа што да се прави со мостот, по кој сега не се оди и поради што по градот сообраќајниот хаос е уште поголем, се уште поголеми. А за тоа, се чини, мошне „заслужни“ се експертите кои се занимаваат со овој објект.

Неодамна, експертот Михаил Гаревски, кој е ангажиран од Градот Скопје да изврши проценка на оштетувањата, го предаде својот извештај. Во него е наведено дека по големиот пожар оштетувањата на мостот се мали, но сепак бараат реконструкција. Доброто во пожарот било што на ниту еден дел од мостот не е забележана изложеност на каблите за преднапрегање на огнот бидејќи биле скриени со заштитниот слој на бетон. Требало само да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија и сето тоа можело да се реконструира до почетокот на септември.

Но, вчера деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски изјави дека не е направена детална анализа на оштетувањата на мостот и дека со дрон не може да се врши испитување на носечките кабли за преднапрегање. Тој повика да се направат подетални испитувања за да се види длаи има и микропукнатини во структурата на бетонот и да се види состојбата на каблите…

-Колку пожарот е подолготраен се формираат микро пукнатини кои не се видливи со голо око, а знаеме дека пожарот траел 4 часа. Не е гаранција ниту тоа дека ако не се менува бојата дека бетонот е добар. Каблите за преднапрегање на висока температура омлитавуваат, се издолжуваат и силата им опаѓа, предупреди Марковски.

Значи, две сосема различни стручни гледишта по која сега се јавува дилемата што да се прави. Градските власти на Скопје се ставени во улога да избираат на кој експерт да му веруваат. Но, тоа не е добро бидејќи одговорноста е голема. А зошто експертите Марковски и Гаревски не би можеле да се договорат околу тоа што да се прави со мостот? Односно, меѓусебно да се разберат што натаму да се прави и дали воопшто се потребни натамошни анализи? Најлоша опција е да продолжат со препукувања преку медиумите. Одговорноста пред граѓаните е голема и таа мора да биде најважна.

Претходна вестПукано во таткото на исчезнатиот Самоил, близок роднина на Љубе Бошковски
Следна вест„Вашингтон пост“: Бајден дозволи на Украина да и се испорачаат касетни бомби од резервите