Може ли Новата Година во Скопје да дојде во мај? 

Наближува втората половина од декември, а во Скопје нема предновогодишна атмосфера. Новогодишното украсување одново чека пет до дванаесет. Како и лани, преклани, ако нешто се направи ќе се направи во последните десетина дена од годината.

Градските власти на Скопје, како да се уште не се на чисто што и како да прават. Зошто е така?

Преклани, пред дочекот на тогашана Нова 2022 година, најголемиот дел од граѓаните ја поздравија одлуката на новата градоначалничка Данела Арсовска да го раскине договорот за украсување на градот од 243.000 евра. Него, со приватна фирма која редовно ги добиваше ваквите тендери со години наназад, го склучил нејзиниот претходник Петре Шилегов. Јавноста реагираше дека тоа е прескапо.

Арсовска тогаш го спречи трошењето на парите, некако скромно го украси централниот дел од градот, но и најави дека од следната година градот сам ќе си купи украси. Тоа, секако, е добро решение бидејќи еднаш купени украси ќе може да се користат секоја година, а и да се збогатуваат од година во година.

Но, на ланскиот дочек украсите не беа купени од страна на Градот Скопје. Украсувањето на централнито скопски плоштад се направи благодарение на неколку општествено одговорни компании, а и тоа беше скромно.

И сега се чекаат такви компании? 

Градските власти мора на време да мислат за соодветно новогодишно украсување на Скопје. Сето тоа да не е прескапо, ама сепак да го има и тоа на време. 

Новата Година не може да се помести во мај. Или па во Скопје ќе може? 

Претходна вестОтворање на изложба на скулптури „Зодијак“ на Митко Дамјановски
Следна вестШеф на агенција на ОН: Израел се обидува да ја исчисти Газа од Палестинците