Повик до граѓаните да ги дозаменат старите возачки дозволи вчера упати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За тоа, се чини, има и добра причина. За разлика од темпото со кои се менуваат личните карти и пасошите на граѓаните, кај менувањето на возачките дозволи темпото не е добро.
– Досега се издадени 750.000 возачки дозволи, а потребно е да се стигне до милион дозволи, за да се заокружи целокупната бројка на издадени возачки дозволи во Македонија. Ги замолувам сите граѓани кои имаат возачка со старото име да ја обноват во наредните месеци, затоа што согласно со измените на законот што ги направивме, старите важат заклучно до крајот на оваа година. Наскоро ќе следи и кампања на МВР со која ќе ги повикаме сите да ги обноват дозволите. На пунктовите повеќе нема метеж, рече министерот.
Во јануари годинава беше соопштено дека околу 540 илјади граѓани смениле возачки дозволи а во февруари беше донесена одлука рокот за замената да се продолжи до 31 декември 2024 година. Тоа значи дека од јануари па до сега, за осум месеци 210.000 граѓани ја исполниле обврската.
Излегува дека уште околу 250.000 граѓани – возачи не си ја исполниле обврската чиј рок за завршување е до крајот на годинава. Вака голема бројка веднаш го повлекува и прашањето дали до тој рок ќе се успее во обврската сите граѓани да си ја исполнат обврската. Оти бројките се јасни: ако менувањето треба да го направат околу 250.000 граѓани и ако до крајот на годинава остануваат уште само 84 работни денови, тогаш тоа ќе значи дека на шалтерите на МВР секој ден треба да се појавуваат 2.976 граѓани, односно, по околу три илјади. Дали е ова остварливо? Тешко.
Ова значи дека и покрај кампањата за што поголемо менување на дозволите од страна на возачите МВР уште сега ќе треба да почне да размислува за алтернативни сценарија – од отворање на повеќе пунктови па се до продолжување на рокот за замената доколку тоа е можно. Во спротивно, гужвите, турканиците, повеќечасовни чекања какви што се случуваа до пред некој месец кога во прашање беа пасоши и лични карти неминовно ќе се повторат. А со тоа и нови понижувања на граѓаните кои, очигледно, тешко сфаќаат дека на време треба да си ги исполнуваат своите граѓански обврски.