МПЦ-ОА со народен собир: Ако има два пола може да има само два рода

Да се повлечат предложените закони за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи со она што во нив се предлага е сериозна закана за општеството и за неговата основна клетка – семејството. Ваква порака се испраќа од вечерашниот сенароден собир под мото „Имаме должност“, а што на просторот пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски„ во Скопје го организира Светиот архиерејски Синод на Македонска православна црква – Охридска Архиепископија.

Уште во мај повлекување на законите побараа духовните водачи на сите пет верски заедници наведени во македонскиот Устав, но тоа не беше прифатено. Аргументите на верските поглавари беа јасни:

-Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Промовирањето на различни родови идентитети и „флуидноста“ помеѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст, предупредија поглаварите.

Вакви предупредувања деновиве искажуваа и високите достоинственици на МПЦ-ОА. Епископот Јаков Стобијски, кој е дел од помладата генерација на македонските владици, кажа дека се протестира против „новиот контекст поимот род, против родовата компонента која што е застапена во предлогот.

-Во Предлог законот за матична евиденција се предвидува промена на ознака за пол со изјава која што би се базирала на субјективни индивидуални чувства на поединецот. Овие закони ни носат еден конструкт чудовишна можност, отвораат една пандорина кутија секој ден да излегуваат разно разни родови и секој да биде што ќе посака. Знаете тоа е нешто на што не сме навикнати, не го сакаме и не го прифаќаме. Во демократско општество, процесот на градење на законите, мора да зрее и да се обликува паралелно со менталниот склоп и со потребата, но и со подготвеноста на еден народ, на една заедница да ги прифати промените. Тука чувствуваме дека сериозно се врши насилство врз нас, на волјата на народот, наведува епископот Јаков.

Појаснувајќи ги забелешките на двата закона епископот Јаков кажа: 
-Ние сме изманипулирани, излажани заради тоа што родот како атрибут на полот, како социјален конструкт на полот не го одвојуваме од полот, и аналогно на тоа ако има два пола има два рода, вели тој.

Епископот воедно појаснува „Ние имаме вредносен систем којшто е апсолутно спротивен на она што ни го нудат и што се заканува да го донесат овие два закони во општеството, но и во црквата. Ние не сме против остварување на нечии права, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинството, на 99 проценти од населението во државата“.

ОД МПЦ-ОА порачуваат на граѓаните не само да застанат во одбрана на верата, во одбрана на слободата на говор и мислење, туку и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.

Инаку, по најавата за протест од МПЦ-ОА, Извршниот одбор на СДСМ одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение. Социјалдемократите заклучија дека и консултативниот процес за Законот за родова еднаквост треба да продолжи.

Претходна вестРасте извозот на албански производи за Македонија, се намалува увозот на македонски во Албанија
Следна вестЛевица: Eдинствената реформа на неспособната владејачка гарнитура е бришење на антифашистичкото минато на Македонците