Здравствената состојба на 11-годишниот Илче во изминатиов период беше стабилна и постојано беше под надзор на стручни лица, а смртта синоќа настапила ненадејно. Ова денеска го соопшти Министерството за труд и социјална политика по повод ненадејната смрт на штитеникот на Специјалниот завод од Демир Капија.
Се работи за 11-годишниот Илче од Охрид чиј случај неодамна ја потресе јавноста. Тој претходно беше напуштен во семејната куќа во Охрид од двајцата родители и западна во исклучително тешка здравствена состојба. Тој имаше ретка дијагноза, меѓутоа со медицинска грижа од тим од Детската клиника во Скопје каде беше префрлен на лекување неговата здравствена состојба се подобри значително. Потоа беше пренесен во мал групен дом во селото Корешница.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека детето починало ненадејно и дека неговото тело ќе биде дадено за обдукција.
-Со жалење информираме дека единаесетгодишниот И.В. синоќа ненадејно почина во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија, во село Корешница, Општина Демир Капија. Детето беше примено во Групниот дом на 7 август оваа година. Неговата здравствена состојба изминатиов период беше стабилна и постојано беше под надзор на стручни лица. Смртта синоќа настапила ненадејно и по налог на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција, велат од Министерството.
Основното јавно обвинителство Кавадарци и увидна екипа на Министерството за внатрешни работи синоќа извршиле увид во семејната единица во селото Корешница во Демир Капија. Јавниот обвинител издал наредба за обдукција во насока на откривање на причините за настанатата смрт.