МТВ одлучи Васил Граваналиев да остане македонски претставник и да настапи на Евросонг. Вакво било решението на интерната комисија што ја оформи Македонската радио телевизија.
Комисијата го зазела овој став по преиспитувањето направено откако во јавноста имаше многу реакции прво за дел од евровизискиот спот, а потоа и за потенцирањето на пејачот дека има и бугарско државјанство. Во реакциите и петициите се бараше тој да не ја претставува Македонија на овој натпревар. Во соопштението на Комисијата до јавноста се наведува дека МРТ во целост ги испочитувала и интерните постапки, но и процедурите на ЕБУ.
-Случајот во јавноста настанал по објавувањето на спотот, поради два кадра што биле протолкувани како спорни. Станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот е повлечен и преработен. Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека има двојно државјанство, станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година што сега добило публицитет, а согласно со правилата на ЕБУ, МРТ нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи, се наведува во извештајот.
Комисијата предлага во иднина сериозно да се преиспита учеството на МРТ на меѓународни културни манифестации.