Му помага ли Заев на Шилегов или му одмага?

Се засили кампањата за вториот изборен круг. Дел од кандидатите и нивните подржувачи се определија да викаат погласно, да има ред ветувања – ред напади врз противниците и тоа да влијаело на гласачите. И така, викаат за обединување, викаат за поразување, викаат за…

Владеачките социјалдемократи по пораз во првиот круг на локалните избори се обидуваат да победат барем во Скопје со цел да ги намалат размерите на изборниот дебакл. Во метрополата нивниот кандидат Петре Шилегов заостанува повеќе од осум илјади гласови зад независната кандидатка Данела Арсовска во услови кога имаше одзив на гласачите од околу 50 проценти. Малиот одзив, односно помасовното гласање за нив, е еден од таргетите на владеачката партија. СДСМ сака да ги мобилизира сите свои членови, но и останати граѓани да излезат на гласање на 31 октомври за да се надомести разликата. Се прави ли тоа на вистински начин?

Премиерот и партискиот лидер Зоран Заев ден по гласањето на Фејсбук напиша:

– Граѓаните пратија порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот сака да види подобри резултати, но од спротива се заканува злото. Ние сме борбата против злото. Сите ние, секој од нас. Влегуваме во вториот круг и во борба за секој еден град и за правецот на нашата земја. Сега е најважно обединувањето, потенцира премиерот.

Но, ваквото обраќање предизвникува дилеми. Кон кого се обраќа Заев? Кон своите сопартијци или кон сите граѓани? Ако е кон сите граѓани тогаш, од каде тоа што го наведува Заев дека „се во борба против злото“ и на кое конкретно „зло“ мисли тој? Дали тоа „зло“ се околу 400.000 гласачи кои исто така се дел од Македонија. Со ваков повик се обединува или се прави силна поделба во општеството? 

Премиерот Заев треба брзо да си одговори на овие дилеми. Не е добро заради една политичка цел (победа на градоначалник) да се поларизира населението во Македонија, особено што на секој празник токму Заев повикува на национално обединување.

А треба да си одговори и Шилегов – му помага ли Заев со ваквата кампања или му одмага?

 

Претходна вестНе се реши проблемот со бездомните кучиња иако самоуверено ја најавуваа „Лајка“
Следна вестПеро Камиказа: Не гласајте за Шилегов