Му треба ли на Скопје комунална полиција кога веќе има комунални редари?

Скопје е прилично нечист град. Надлежните не го чистат баш како што треба, ама и скопјани претеруваат со лошите навики да расфлаат ѓубре насекаде. Лекот за подобра хигиена во Скопје е да се чисти повеќе, но и жителите да станат поодговорни.

Директорката на градското претпријатие „Комунална хигиена“ Косана Мазнева – Николиќ пак лекот го гледа во формирање на комунална полиција. Таа поднесување на таква иницијатива за нејзино формирање најави вчера.

Сепак прво да потсетиме: Ова претпријатие има над 1.100 редовно вработени лица и плус 287 лица ангажирани преку Агенцијата за привремно вработување. Зошто и покрај толку многу вработени градските улици не можат да бидат почисти? Зошто постојано фалат најважните вработени – чистачите, зошто не се отвора проблемот дали во претпријатието има премногу административци и зошто нема прераспределувања? Тоа се прашања кои ја интересираат јавноста.

Второ за потсетување е: Во градот Скопје веќе постои служба за комуналните редари. Повеќе од десетина години во рамките на секторот за Инспекторат на Град Скопје постои Одделнието за комунални редари во кое има 14 вработени. Комуналните редари вршат контрола и санкционирање на физички лица од аспект на јавна чистота и друго согласно со закон на територијата на Скопје утврдена со Генерален урбанистички план. Последниот извештај за работа на Одделението за комунални редари за период од јануари до јули годинава покажува дека редарите наплатиле глоби од по 50 евра од 165 лица, а дека во постапка има уште 165 предмети.

Излегува дека покрај веќе постоечките комунални редари, оформени токму со целта да се санкционираат прекршителите кои го загадуваат градот, сега ќе треба да се прави и нова комунална полиција, веројатно во рамките на „Комунална хигиена“. Може ли ваквото дуплирање на оваа служба материјално да го издржи Градот?

Да, може постоечкиот број од 14 комунални редари е недоволен и треба да се надополни, но дали со нови вработувања или со прераспределбо од постојните? 

Да, може ќе остане идејата да се формира комунална полиција со кој знае колку вработени, но ќе се избега ли од досегашната навика во јавни претпријатија најчесто да се вработуваат партиски кадри?

Претходна вестТри деца и еден 18-годишник нападнале возач на градски автобус во Чаир
Следна вестСлужбена победа за Шкендија, суспендиран теренот на Шкупи