Во Скопје станува тесно за живеење. Градот се повеќе се трупа со нови згради – станови, а и со нови жители. Ќе престане таа појава или треба да се подготвуваме за живеење како сардините кога се во конзерва?
Градењето на нови згради и станови во градот не запира и секој слободен простор како да станува маркичка за градење. Само во првите пет месеци од годинава службите во 17-те општини во Скопскиот Плански Регион одобриле изградба на нови 1.447 станови, од кои во Центар се 340. Она што е парадоксално е што ова се случува во ситуација во која, според прекланскиот попис, речиси секој трет изграден стан во Скопје е празен – од 243.252 станови, 29 проценти се празни или 70.094!?
Инаку, меѓу два пописа, од 2002 до 2021 година, бројот на становите во Скопје е зголемен за цели 50.105, од 163.745 на 213.850 стана.
А каде се нови станови, таму се и нови жители. Додуша, прекланскиот попис покажа дека Скопје за последниве две децении има само за околу 20.000 жители повеќе, отколку пред 19 години. Но, колкумина живеат во Скопје, а се со документи од други делови на Македонија или дури и од странство?
Но, Скопје е град кој одвај може да издржи и со официјалните 526.502 жители колку што покажа последниот попис. Населбите стануваат претесни со нови згради, на улиците и на тротоарите не може да се помине, јавниот превоз е задушен, канализационата мрежа никако да се направи, се помалку има зеленило… А на ред чекаат нови и нови градби – кај поранешна „Алумина“, кај поранешна „Треска“, кај ГТЦ, во Расадник, во Ново Лисиче, Карпош…
Му треба ли на Скопје ваков „развој“ со нови згради и со нови жители?
Денис Јанкуловски, здравствен работник, во неодамнешното интервју за „Скопско Ехо“ изјави дека луѓето во Скопје веќе се згуснуваат „како сардини“.
-Според мене мислам дека Скопје си е тамам, но за до пред триесетина години… Проблемот го лоцирам во системот и тој не се однесува само на доселувањето туку во секој аспект. Некако како да одамна се тежнее се што се случува во државава, буквално во секое поле да биде во Скопје, најгрешната политика затоа што така ги запоставуваме останатите градови а за селата па ич да не зборувам, ги уништуваме. Го форсираме Скопје и заради тоа се згуснуваме како сардини. Ете ја грешната политика на централизација и скопјеизација. Да се намали не може иако со иселувањето на младите не само Скопје туку и цела држава ќе се намали, а за растење па никако. Ама кој нас не прашува? Си има функционална урбана мафија. За жал, ни рече Јанкуловски.
И други јавни личности во интервјуата за „Скопско Ехо“ нагласуваа дека мора да се воведе ред во ширењето на метрополата.
–Дефинитивно би стопирал секаков вид на градба во догледно време, еве, да речеме, 15-20 години. Целта би била за тоа време да се средат / санираат сите аномалии и пропусти (а ги има премногу и сите ги знаеме кои се ). Откога ќе се средат, да видиме дали има простор и место Скопје уште да се шири. Многу е просто и едноставно, но, за жал, парите се приоритет на сметка на здравјето на граѓани, е став е пејачот Владимир Блажевски, попопуларен како „Панчо од ДНК“.
Диригентката Бисера Чадловска ни рече дека треба да се намали доселувањето.
– Дефинитивно треба да се намали бројот на населеници во градот, а просторно не ми е толку важно дали ќе се зголеми или намали, вели диригентка Бисера Чадловска.
И писателот Венко Андоновски во интервју за нашиот весник слично мисли.
-Скопје треба драстично да се намали, првенствено со оние кои во него дошле по партиска задача, ни рече тогаш Андоновски.
Пеачот Миле Кузмановски предлага и затворање на градот.
– Време да се размислува за затворање на градот и ограничување на жителството во него, кажа во интервјуто Кузмановски.
Опоменуваат и многу дргуги дека Скопје ќе се загуши. Но, го гледаат и слушаат ли тоа одговорните институции?
Во исто време, градските и општинските власти немаат визија за тоа како и во кои насоки да се развива градот. Доцни изработка на Генералниот урбанистички план, Деталните планови се носат преку ноќ, а градот нема пари за модернизација на градски служби и за подобрување на комуналната инфраструктура.
Загружува како изгледаат делови од Аеродром, па Дебар Маало, па… Дали некогаш воопшто ќе биде воведен ред во растењето на Скопје?