Владата сè уште размислува за новите кадровски решенија во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но и во Историската комисија со Грција, изјави денеска министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцински. Тој најави дека нема да бидат сменети сите членови на двете комисии зашто, како што рече, потребен е и одреден континуитет од кадровска гледна точка. Муцунски имал средби со претседателите на двете комисии, амбасадорот Виктор Габер и историчарот Драги Ѓоргиев, за да добие слика што работеле, што постигнале и што треба натаму да се работи.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конфернција со турскиот колега Хакан Фидан, уште еднаш јасно ги разграничи обврските на политичарите и на стручната фела.
– Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник кој е коректно платен од страна на државата да си ја врши својата работа како се обидува себеси политички да се профилира и додека е во тековен мандат како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат и надворешно – политичките позиции на државата. Ние политичарите, министрите, имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве, нагласи министерот Муцунски.