Наставата во основните училишта во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, објави денеска градоначалник на оваа скопска општина Тимчо Муцунски.
Тој додаде дека причина за тоа е што „почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст.
-Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција, напиша Муцунски во објавата на Фејсбук.
Тој сподлеи и видео од интонирањето на македонската химна во ООУ „Лазо Ангеловски“.
Ваква пракса не е непозната за оваа општина. Македонската химна беше интонирана еднаш неделно во 2014 година, за во 2015 година да се интонира секојдневно, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ, а министер за образование Панче Кралев. Потоа праксата повторно беше сменета и химната се интонираше само во понеделник. Но, сето тоа некако стихијно престана, без најава.
Тогаш, општината информираше дека за интонирањето на химната спроведле анкета која покажала дека речиси половина од анкетираните позитивно се изјасниле за тоа, но оние кои не се согласуваат барале редуцирање на праксата за секојдневно интонирање на химната.