Муцунски: Првичните наоди од ревизијата на работата на Фрчкоски се застрашувачки

За жал, недостатокот на знаење кај поранешните амбасадори и генерални конзули ја доведе дипломатијата во состојба да биде најслабата карика на државата. Мора да работиме одговорно и нема да дозволиме вакви постапувања во иднина, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во вчерашното гостување во Дневникот на Сител телевизија, говорејќи за индициите за потенцијални злоупотреби.

Муцунски зборуваше за работењето на дел од дипломатите, нагласувајќи дека имало сериозни постапки спротивно на законите, за кои ќе следи соодветна законска одговорност. Говорејќи за поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски, министерот информираше дека министерството е во завршна фаза од ревизијата, при што првичните наоди од финансиско-материјална точка се застрашувачки.

-Имаме амбасадори кои заборавиле кого претставуваат и дека имаат обврска да го штитат јавниот интерес. Тоа е тенденција која траела подолг период, за што мора да има институционална одговорност. Ние, како раководство на министерството, нема да дозволиме вакво нешто да се случува во иднина – нагласи Муцунски.

За работењето на амбасадорот и поранашен заменик министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, министерот изрази жалење што, според него, Жерновски не прави разлика помеѓу копии од акредитивни писма и акредитивни писма.

-Со дејствувањето на Жерновски, државата беше доведена во подредена положба, а нашите интереси беа нарушени. Разочаран сум што поранешен заменик министер не прави суштинска разлика помеѓу копија од акредитивни писма и акредитивни писма – изјави Муцунски.

Тој спомена и случај каде генерален конзул бил именуван спротивно на законот, кој експлицитно бара високо дипломатско звање за вакво именување.

-Ова покажува дека правилата и процедурите не се почитувале, и за тоа ќе има одговорност во рамките на МНР, како и кривична одговорност во други институции. Ние ветуваме дека законите ќе се почитуваат, а отчетноста и одговорноста ќе бидат приоритет – додаде тој.

Во однос на пополнувањето на амбасадорските места во земјите од стратешки интерес, Муцунски изрази очекување дека до крајот на годината ќе бидат познати дел од потенцијалните имиња за овие позиции.

Говорејќи за предложените измени на Законот за надворешни работи, Муцунски изјави дека денес е историски ден за државата, подвлекувајќи дека предложените измени се насочени кон подигнување на квалитетот и професионалноста на дипломатијата.

Муцунски: Денеска е историски ден за професионализација на македонската дипломатија – поставуваме праг за идно именување на професионални дипломати

Денес го сметам за историски значаен ден за професионализацијата на македонската дипломатија, како и за дополнителен мотив за сите вработени во МНРиНТ. Испраќаме јасен сигнал дека квалитетните амбасадори најчесто се професионалните дипломати – „занает“ што го цениме и надградуваме, како нивните лични капацитети, така и институционалните, истакна министерот Муцунски, во гостувањето на Сител ТВ.

-Историски чекор е зголемувањето на задолжителниот процент на професионални дипломати кои ќе бидат амбасадори и генерални конзули. Долг временски период, законот регулираше дека две третини од амбасадорите доаѓаат од редот на т.н. „политички именувани амбасадори“, додека само една третина беа професионални дипломати од Министерството. Со предложените измени, задолжителниот процент на професионалци се крева на 50 проценти, а бројот на политички именуваните амбасадори се ограничува на најмногу 50 проценти – објасни министерот.

Тој нагласи дека се поставува историски праг, кој е убеден дека ниту една идна влада нема да може да го намали, бидејќи јавноста нема да прифати понизок стандард од овој. Дополнително, истакна дека ќе се работи и понатамошно зголемување на учеството на професионални дипломати, но дека за тоа е неопходно подобрување на внатрешните капацитети на Министерството.

Во однос на именувањето на амбасадорите, Муцунски посочи дека предложените измени го зајакнуваат и учеството на Собранието во овој процес.

-Правиме исчекор и во улогата на Собранието во именувањето на амбасадори, бидејќи тоа е клучна институција, гласот на граѓаните, и треба да го даде својот придонес во овој процес – додаде тој.

Муцунски потенцира дека новиот предлог-закон за надворешни работи го дефинира процесот на креирање политики во делот на надворешната трговија и странските инвестиции, кои ќе бидат фокус на работата на Владата и Министерството во иднина.

Тој во интервјуто истакна и дека со новиот предлог-закон се прави минимално зголемување на коефициентите за плати и трошоците за живот на дипломатите, што постепено ги приближува до стандардите за плати на земјите од регионот.

Претходна вестИзбодена девојка пред ресторан во една белградска населба
Следна вестМаж загина во пожар во запалена куќа во Велес