Музичките педагози незадоволно и свирнаа на Царовска и нејзиниот нов концепт

Со новата концепција сметаме дека е направена неправда, наместо да се зголеми фондот на часови, тој се намалува, реакција е на Здружението на музички педагози на новата концепција за основно образование. Тие реагираат на најавата на министерката за образование Мила Царовска за промените и спојувањето на предметите во основното образование.

Со новата Концепција се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така, предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.

-Сметаме дека фондот на часови по предметот музичко образование треба да се зголеми со тоа што предметните наставници да предаваат од прво до девето одделение. Според предлогот на новата концепција сметаме дека се оштетени наставниците, а директно и учениците кои ја губат уметничко-духовната компонента. На состанокот се разгледаа и други образовни концепции, од кои увидовме дека предметот Музичко образование во нацрт програмата е застапен со најмал фонд на часови, се вели во соопштението на музичките педагози.

Тие бараат активно да бидат вклучени во градење на новата концепција за основно образование и да дадат придонес во нејзино оформување.

Претходна вестТрагедија: Почина 40-годишна медицинска сестра од корона вирусот
Следна вестЗа Луна – паркот се планираат 1,45 милиони евра, ќе почне ли конечно да се гради?